Види Вака јавно ја објави својата уредувачка политика

Види Вака тимот работи на изработка на уредувачка политика

Медиумот за дигиталната генерација Види Вака јавно ја објави својата уредувачка политика (линк до политиката) и со тоа најверојатно стана првиот медиум во Македонија кој поседува ваков документ и кој го доставил на увид на јавноста. Тимот смета дека транспарентноста не не прави ранливи туку поблиски до публиката.

Види Вака постои од ноември 2016 година и тимот уште на почетокот изрази потреба од создавање на документ во кој јасно ќе бидат поставени „правилата на игра“, но исто така ќе бидат презентирани вредностите и начелата на работа на тимот.

Документот кој постојано ќе се надградува засега има десет страници и е работен неколку месеци од целиот тим на Види Вака, со поддршка на меѓународните експерти Татјана Репкова од Словачка и Мет Форд од САД.

На него се работеше во периодот од април до септември годинава, а како примери беа земени искуствата и документите кои се јавно објавени на повеќе реномирани редакции во светот.

Посебен акцент ставивме на работите кои ги засегаат медиумите кои своите продукти ги пласираат преку социјалните медиуми, нешто што е одлика на Види Вака.

Уредувачката политика засега содржи 13 точки кои ги сметаме за најважни за нашето работење. Документот постојано ќе се надградува и надополнува кога ќе се утврди потреба од тоа, а преку него публиката ќе има увид за тоа како тимот на Види Вака ги изработува своите приказни, увид во тоа како се одлучува и работи за една приказна, но и како комуницираме со јавноста и како постапуваме во случаи на грешки.

На крајот, како што наведуваме и во самиот документ, најважни ни се публиката и вистината. Сакаме да го издигнеме новинарството на повисоко професионално ниво, нешто што недостига во медиумскиот простор во Македонија и на социјалните медиуми.

Тагови 
X